Ученичката заедницата претставува значаен сегмент во организацијата на животот и работата во училиштето.
Преку оваа заедница учениците имаат можност да учествуваат во креирањето на позитивна клима за развој и негување на другарски односи и соработка, како и можност да придонесуваат за нивниот правилен развој и целокупното работење на училиштето.
Организационата поставеност почнува од заедницата на учениците во паралелката, па до училишната заедница. Во секоја паралелка од прва до четврта година, во почетокот на септември, се избира класна заедница составена од три члена: претседател, секретар и благајник. Оваа заедница се избира според желбата на класот, а членовите се избираат по пат на гласање. Нејзината работа ја помагаат раководителите на паралелката и одговорните наставници. Со Ученичкката заедница на СУГС „Кочо Рацин“ раководи стручниот соработник на училиштето – педагогот.
Задачи на заедниците на учениците се да придонесат за:
- поголемо ангажирање на учениците во училишниот живот;
- подобрување на нивниот успех, поведение и редовност во наставата;
- создавање подобра работна клима;
- развивање на другарството и моралното однесување;
- одржување на редот и дисциплината;
- организирање помош на ученици кои покажуваат послаби резултати во учењето;
- организирање на материјална помош на ученици;
- да стекнат работни вештини и да се развијат во општествено одговорни и морални личности.
За вршење на одделени задачи, раководството на заедницата избира претседател на заедницата кој што ќе може да учествува во работата на Советот на паралелката, за соработка со Советот на родителите, младите од локалната средина и сл..
Работата на училишната заедница и заедниците на паралелките ја помагаат, насочуваат, координираат и ја следат наставниците.
Ученичката заедница заедно со предметните професори на СУГС „Кочо Рацин“ редовно учествува во организација и одбележување на Патрониот празник на училиштето преку свечена манифестација, каде што се реализираат многубројни актвиности од страна на учениците и се изложуваат нивните литературни и ликовни творби.
Ученичката заедница заедно со предметните наставници учествува во организација и реализација на едукативните интерактивни ученички работилници, претставувајќи го училиштето пред учениците од завршните одделенија на основните училишта, притоа активно учествувајќи во најразновидни активности, работилници, изработка на различни прашања, прашалници, квизови, разновидни ликовни ракотворби, литературни катчиња и сл.
Ученичката заедница редовно се вклучува во организација и учество во различни хуманитарни акции на територијата на општина Ѓорче Петров и пошироко, од кои значајни за издвојување се: Собирање на парични средства за помош на социјално загрозени семејства, хуманитарна акција за собирање на облека за сиромашни граѓани, крводарителска акција и сл.