Кочо Рацин или целосно Koста Апостолов Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – Лопушник, 13 јуни 1943) — македонски книжевник и социјалистички деец, најпознат по својата поезија. Се смета за еден од основоположниците на современата македонска книжевност, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните дела во современата македонска поезија. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и книжевната критика.
Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.
Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
Во негова чест повеќе основни и средни училишта го носат неговото име, меѓу кои и СУГС „Кочо Рацин“ – Скопје.
СУГС „Кочо Рацин“ е формирано во 1964 година како гимназија со економски паралелки. Само една година по катастрофалниот земјотрес во Скопје во ситуација кога голем број училишта биле онеспособени за работа, Општинското собрание на Ѓорче Петров носи решение за формирање на Гимназијата „Кочо Рацин“. Во тој период во нашата општина немало ниту едно средно училиште, па одлуката е примена со воодушевување од страна на населението од овој крај.
Училишната зграда е монтажна барака од англиски тип, која е добиена како донација од британската влада. Располага со осумнаесет училници – кабинети, сала за физичко воспитување, библиотека, канцеларија и друг помошен простор со вкупна површина од 3000 м2, како и со училиштен двор во кој се изградени терени и игралишта за ракомет и кошарка. Дополнителен стимул за локалните и училишните спортски екипи беше изградбата на новата сала „Ѓорче Петров“ во 2013 година со трибина со капацитет од 400 гледачи која истотака се наоѓа во нашиот училиштен двор. Локацијата на училиштето е на улицата Лихнида во населбата Ѓорче Петров и е непроменета до ден-денес.
Во првата учебна година (1964/1965) во училиштето се запишани и се школувале вкупно 413 ученика од кои 316 ученика во гимназиските паралелки, а 115 ученика во економските паралелки. Прв директор на училиштето бил Дано Китановски, а на почетокот работеле 17 наставника.
Во 1982/1983 година со реализација на мрежата за насочено образование во училиштето почнува да се подготвува кадар од текстилната и кожарската струка, со што гимназијата и економските паралелки гаснат.
Во 1994/1995 година повторно се воведуваат гимназиски паралелки, па на прагот на новиот милениум, во учебната 1999/2000 година, во „Кочо Рацин“ имало 1100 ученици распоредени во вкупно 31 паралелка и тоа 18 гимназиски паралелки и 13 од текстилната струка.
Во 2019/2020 година по повеќе од триесет години повторно се воведуваат економски паралелки во економско-правната и трговска струка.
Пролетта 2020 година ќе остане запаметена по пандемијата на ковид, па и СУГС „Кочо Рацин“ како и останатите училишта учебната година ја заврши со учење на далечина преку различни платформи, што беше случај и целата наредна 2020/2021 година. Наставниот кадар и учениците успешно одговорија и на овој предизвик.
Најважниот инфраструктурен проект во поновата историја на училиштето е комплетното реновирање на училишната зграда кое траеше во периодот од летото 2021 г. до пролетта 2022 година кога учениците конечно се вратија во клупите и во новите училници опремени по најсовремени стандарди.
Во тековната 2023/2024 учебна година во СУГС „Кочо Рацин“ учат 207 ученика распоредени во 10 гимназиски паралелки, 6 паралелки од текстилно-кожарската струка и 4 паралелки во економско-правната и трговска струка. Директор на училиштето е Тања Барјактарова, а наставниот кадар го сочинуваат 42 професори.